Суштината на сите свети списи, на сите религии, може да се сведе само на овие седум збора: „Сакај ги сите, служи им на сите“. Сите религии, без разлика дали тоа е христијанството, будизмот или хиндуизмот, ја подучуваат истата вистина. Постојат многу училишта низ светот кои предаваат исти предмети на различни јазици или преку различни медиуми, но на крајот вистината која ја подучуваат е иста.
Како што петте елементи го сочинуваат човечкото тело, така и петте човекови вредности го сочинуваат човечкиот дух. Петте елементи се привремени, па така и телото што е направено од елементите е привремено. Не може да се очекува нешто привремено да се изгради од нешто трајно. Вредностите на вистината, правилното однесување, мирот, љубовта и ненасилството се вечни, а бидејќи доаѓаат од срцето, вечна е и душата на човекот.
Ако погледнете подлабоко, има само една вредност што е присутна во сите преостанати четири вредности. Просторот, ветрот, водата, огнот и земјата се петте елементи кои го сочинуваат целиот универзум. Сепак, основата на сите нив е просторот. Просторот е во водата, во огнот, во земјата и во ветрот. Елементот на просторот е основа на сите останати четири. Слично на тоа, само љубовта е основа на сите пет вредности:
Љубовта во говорот е вистина;
љубовта во однесувањето е праведност;
љубовта во чувството е ненасилство;
љубовта во разбирањето е мир.
Исус Христос дошол само за да нѐ поучи на оваа голема вредност на љубовта. Инаку, како некој може да го објасни човекот кој за време на распнувањето на крстот, подложен на најболното мачење некогаш смислено, сè уште ги благословува оние што Го убиваат? Тој се молеше за сите, велејќи: „Оче! Прости им затоа што не знаат што прават“. Дури и ако некој
ни направи малку зло, ние веднаш реагираме жестоко кон него. Како можел Оној кој претрпел толку многу болки на крстот да се моли за оние кои му нанеле толку многу болка? Тоа беше само поради љубовта. Како што на мајката не ѝ пречи клоцањето на бебето во нејзината утроба, и го поднесува поради својата љубов, така Исус со љубов ги поднесувал маките и страдањата на луѓето, како мајка. Мајката го сее семето на посветеноста; таа го покажува детето на таткото; таткото му го покажува патот до гуруто;гуруто го упатува ученикот кон Бога.
Во животот на пречесниот отец Аразу, мајката му го посеа семето на посветеноста. Мајката му покажала дека Бог постои, а нејзината вера го навела да размислува за Бога. Роден е во тешки околности, и израснат речиси без каква било помош. Насекаде имало криза. Во такви времиња на сиромаштија, глад и очај, неговата мајка била таа што го научила дека вистинска е само посветеноста кон Бога, бидејќи Тој се грижи за секого. Верата на мајката стана пример за отец Аразу.
Како што човек не може да го види воздухот, а живее бидејќи го дише; исто така, Бог можеби не се гледа, но самото ваше постоење е доказ за Божјото постоење. Вашите животи мора да станат Божја порака, а вие мора да станете Божји гласници: гласници на вистината, правилното однесување, мирот, љубовта и ненасилството. Штом ќе станете гласници, тогаш навистина ќе заслужувате да се нарекувате себеси синови и ќерки Божји. Тоа ќе покаже дека братство на човекот и татковството на Бог се можни ако се живее според пораката на Таткото.